Повик за избор на еден експерт за обезбедување техничка помош за потребите на Министерството финансии за подготовка на предлог законска рамка (нов закон) со која ќе се регулираат долговите на општините по основ на доспеани, а ненаплатени обврски
Проект на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите
Повик
за избор на експерт за обезбедување техничка помош за потребите на Министерството финансии за подготовка на предлог законска рамка (нов закон) со која ќе се регулираат долговите на општините по основ на доспеани а ненаплатени обврски
- Историјат на Проектот
Северна Македонија се стреми да биде просперитетно, независно и инклузивно демократско општество. Во тој контекст, Проектот на УСАИД за „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“ (во понатамошниот текст „Проект на УСАИД“) ќе им обезбеди помош на владините институции на Северна Македонија за иницирање и независно управување со неопходните промени во однос на административниот сегмент, фискалниот сегмент и политиките, предвидени со Акцискиот план на Проектот. Проектот на УСАИД е фокусиран на подобрување на финансиската дисциплина на локалната администрација по пат на зајакнување на капацитетот за буџетско планирање, извршување и известување, зголемување на сопствените извори на приходи и поголема искористеност на надворешните извори на финансирање на локалните самоуправи, како и понатамошно зајакнување на децентрализацијата.
Зајакнувањето на финансискиот капацитет на општините е клучен приоритет на реформата на фискалната децентрализација. Затоа, Проектот на УСАИД му помогна на Министерството за финансии во унапредување на политиките за управувањето со долговите на локално ниво. Во таа насока, во 2021 година беше изработена анализа на постојната состојба со управувањето со долговите од страна на општините во РСМ како и компаративна анализа на локалните системи за регулирање и управување со долгот во различни земји. Документот со јавни политики „Движење напред кон управувањето со општинскиот долг во Северна Македонија“ (http://ideasdepo.mk/) ги презентира и идентификува клучните проблеми и предизвици во земјата и дава јасни предлози и препораки за нивно надминување согласно добрите позитивни искуства и меѓународни практики. Дополнително, со поддршка на Проектот на УСАИД, Министерството за финансии пристапи кон подобрување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со цел да ја зајакне финансиската дисциплина на општините и подетално да ја уреди состојбата на финансиска нестабилност на општините. Измените и дополнувањата на Законот за финансирање на ЕЛС (август 2022) кои се однесуваа на суштинските новини во делот VIII – Финансиска нестабилност на општините, беше пропратен и со Прирачникот за постапување на единиците на локалната самоуправа во услови на финансиска нестабилност (http://ideasdepo.mk/) исто така изработен со поддршка на Проектот на УСАИД.
Врз основа на среднорочниот Акциски план за унапредување на управувањето со општинските долгови Проектот на УСАИД и понатаму ќе продолжи да ги поддржува активностите на Министерството за финансии. За таа цел, ќе обезбеди поддршка во вид на ангажирање на локален консултант кој ќе подготви предлог законска рамка (нов закон) со која ќе се регулираат долговите на општините по основ на доспеани а ненаплатени обврски.
Експертската поддршка ќе биде обезбедена во согласност со Работниот план на Проектот на УСАИД во рамките на:
Цел 4: Зајакнување на процесот на децентрализација
- Активност 4.1.1: Обезбедување поддршка на Министерството за финансии за ревизија на политиките и законодавството и промени во согласност со препораката од законодавната агенда за фискална и институционална децентрализација.
- Цел и делокруг на ангажманот
Целта на оваа задача е да се поддржи Министерството за финансии во подготовка на нова законска рамка (нов закон) со која ќе се регулираат долговите на општините по основ на доспеани а ненаплатени обврски. За да се постигне горенаведената цел и резултат, Експертот/-ката ќе ги спроведе следните задачи:
- Преглед на важечката легислатива во Република Северна Македонија која го дефинира и регулира севкупното финансиското работење и известување на општините со посебен осврт на управувањето со општинските обврски и долгови, како и долговите кои произлегуваат од доспеаните а неплатени обврски.
- Подготовка на сеопфатна законска рамка (предлог закон) која ќе ги опфати сите законски неуредени аспекти, недоследности, преклопувања или други прашања во доменот на управување со општинските долгови кои беа идентификувани и опфатени во предлогот за унапредување на управувањето со општинските долгови подготвен од меѓународниот експерт во 2021 година.
- Идентификување на постојната законска регулатива (закони и подзаконски акти) која треба да се променат како резултат на предложеното законско решение и давање конкретни предлози/насоки за нивно усогласување.
- Подготовка на концепт и клучни материјали за консултација на релевантните засегнати страни во врска со предложеното законско решение.
Експертот/-ката ќе има обврска за известување кон тимот на Проектот на УСАИД, одговорен за Цел 4 и ќе ги доставува реализираните резултати онака како што се изготвуваат.
Извештаите се предмет на разгледување и прифаќање од страна на Проектот на УСАИД и Министерството за финансии. Експертот/-ката треба да биде на располагање да одговори на коментарите на Проектот на УСАИД и на Министерството за финансии се до конечното прифаќање на реализираните резултати. Извештаите треба да бидат задолжително изработени низ процес на консултација и соработка со клучните чинители.
Извештаите треба да бидат подготвени на македонски јазик во формат лесен и разбирлив за користење.
- Реализирани резултати
- Извештај за подготовка на законска рамка за регулирање на долговите на општините, кој содржи:
- преглед на легислативата во РСМ и идентификација на сите неуредени аспекти, недоследности, преклопувања или други прашања во доменот на управување со општинските долгови.
- детален осврт на целта и опфатот на новото законско решение за регулирање на општинските долгови;
- нацрт текст на предлог законската рамка (нов предлог закон) за регулирање на долговите на општините;
- листа на законски измени кои треба да се усогласат со предложеното решение (доколку е потребно);
- извештај дека сите нови законски предлози се во согласност со постојната законска регулатива.
- Концепт и клучни материјали (записници од состаноци, ППП и сл.) за консултација и комуникација со сите засегнати страни за предложеното законско решение.
- Период на извршување на активностите
Ангажманот ќе се реализира во период од 2 месеца почнувајќи од јули/ август 2023 година. Целокупниот експертски ангажман ќе опфаќа 20 работни денови.
- Критериуми и квалификации
Академски квалификации:
- Диплома за високо образование во соодветна област (право, финансии или друга релевантна област)
Професионално искуство:
- Најмалку 7 години искуство во изготвување на законска регулатива
- Одлично познавање на процесот на фискална децентрализација во РСМ и искуство поврзано со начинот на финансирање на општините и општинските долгови
- Искуство на работа на проекти за управување со јавните финансии
- Искуство на работа на проекти за децентрализација
Други критериуми
- Докажана способност за работа со куси рокови и извршување на услугата во рамките на зададениот рок.
- Одлични комуникациски вештини и вештини за пишување извештаи.
Интелектуална сопственост: Сите работи реализирани во рамките на оваа задача, вклучувајќи и креации, изуми, идеи, дизајни, материјали коишто се предмет на авторски права, трговски марки и друга технологија и права, се сметаат работи создадени за надомест. Експертот/-ката нема право да објавува кој било дел од реализираните резултати.
Предвидено е само одредени (поединечни) експерти да бидат подобни за аплицирање и со нив да биде склучен договор за извршување на активностите наведени во оваа проектна задача.
- Процедура за аплицирање
За да биде земен в предвид, заинтересираниот кандидат треба да ги достави следните документи на македонски или англиски јазик:
– Мотивациско писмо,
– CV
– Референтна листа на најмалку 3 слични ангажмани со контакт-податоци од најмалку две лица за препорака
– Предложена бруто дневна стапка во МКД (вклучувајќи ги сите трошоци и даноци)
Некомплетните апликации нема да се земаат во предвид.
Документите се доставуваат по електронски пат на електронската пошта info@ideasdepo.mk најдоцна до 20.07.2023 година, 17:00 часот.